Зеленски од Романија најави „добри вести“ за противвоздушната одбрана

Претседателите на Украина и Романија, Володимир Зеленски и Клаус Јоханис, во Букурешт, 10 октомври 2023 г.

По разговорите со романскиот претседател Клаус Јоханис, украинскиот претседател Володимир Зеленски на 10 октомври од Букурешт најави дека „наскоро ќе има добри вести“ за артилеријата и противвоздушната одбрана, но не изнесе детали.

На заедничка прес-конференција во главниот град на Романија, тој потврди дека центарот за обука на украинските пилоти на борбените авиони од американско производство Ф-16 ќе биде на романска територија.

„Договоривме идно стратешко партнерство на Романија и Украина и им наложивме на нашите тимови да ги подготват основите за тој документ“, рече Зеленски за време на неговата првата посета на соседната земја од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Украинскиот претседател посочи дека неговиот главен акцент при посетата на Букурешт била противвоздушната одбрана и изрази задоволство што „романската страна ја слушнала Украина“.

Зеленски, исто така, рече дека треба да се направи сè што е можно за да се спречи делови од Црното море или дунавскиот регион од страна на Русија да бидат претворени во поморска „мртва зона“.

За потсетување, Русија по повлекувањето од договорот кој гарантираше безбедна испорака на украинско жито преку Црното Море, изврши неколку напади на пристанишни објекти на Дунав.

„Се договоривме да го удвоиме транзитниот капацитет за украинско жито низ романските пристаништа на четири милиони тони“, рече романскиот претседател Јоханис.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Изморени сме од бегање од војна“: Украинци затекнати во конфликтот меѓу Израел и Хамас

Тој порача и дека Букурешт поддржува отворање на пристапните преговори на Украина и Молдавија со Европската унија (ЕУ) до крајот на оваа година. Украина и Молдавија добија кандидатски статус во јуни 2023 година.

„Лично ќе се залагам за тоа на Европскиот совет во декември. Тоа е одлука што ќе го потврди напредокот на двете земји и покрај исклучително тешките услови“, рече Јоханис.

Зеленски му заблагодари на романскиот народ за поддршката и помошта за Украина.

„Секогаш ќе се сеќавам како нашиот народ беше пречекам овде. Романија ни пружи воена и хуманитарна помош“, рече тој.

Украинскиот претседател пристигна во Букурешт на 10 октомври за да разговара со Јоханис и други воени претставници во Романија за безбедносни прашања.

По повлекувањето на Русија од споменатиот договор за извоз на жито, Украина ги користи своите пристаништа Рени и Измаил во Дунав кои се наоѓаат на границата со Романија, членката на НАТО, за да испорача храна до романското Црно Море и пристаништето Констанца. Меѓутоа, Русија изврши неколку напади со беспилотни летала врз двете пристаништа, оштетувајќи ги пристанишните објекти и постројките за жито, додека фрагменти од руски беспилотни летала слетаа на романска територија, вознемирувајќи ги оние што живеат во пограничните области, иако немаше информации за штета или повредени.