Идните пратеници веројатно ќе работат по нов собраниски Деловник

Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања

Пратениците кои ќе бидат избрани на парламентарните избори што треба да се одржат во 2024 година веројатно ќе работат по комплетно нов Деловник.

На 10 октомври претседателот на парламентот Талат Џафери пред пратениците во Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања го образложи предлог за нов деловник.

„Овој предлог е резултат на повеќегодишна работа на сите претставници на сите политички партии во Собранието во соработка со Европскиот парламент во рамки на дијалогот ’Жан Моне‘. Целта на сите пратеници е новиот парламентарен состав да работи ефикасно и плански, а пленумот ќе ја има вистинската уставна улога“, порача Џафери.

Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, пак, ја изгласа потребата од носење на нов Деловник.

Џафери како предлагач, смета дека новиот Деловник нема да сотави дилема за двојни толкувања и ќе се надминат сите ситуации со кои се соочиле пратениците во досегашните парламентарни состави.

Видете и ова: Измена на Деловникот за деблокада на Собранието

Поддршка даде и ВМРО-ДПМНЕ каде заменик-координаторката на пратеничката група Дафина Стојановска рече дека сите се согласни дека е потребен нов Деловник, а дали и колку е добар предлогот, како што посочи, ќе се виде откако ќе почне да се применува во пракса.

Една од измените, за кои се задоволни од опозицијата, е во однос на новите правила за пратенички прашања кои предвидуваат дека во текот на месецот ќе има посебна седница од два часа на која опозицијата ќе поставува прашање. На седниците нема да се губи време со прашања и одговори кои се одговараат писмено туку тие ќе се објавуваат на веб-страницата на Собранието.

„Исто така би го споменала носењето на квартални годишни календари во текот на редовните координации на Собранието, во случај претседателот да мора да свика итна седница тоа ќе мора да го образложи, точките кои доаѓаат од опозицијата задолжително ќе мора да се стават први на дневниот ред, усогласено е на работните тела процедурални забелешки да зема само еден пратеник – координаторот или заменикот односно само еден пратеник. Во однос репликите е договорено на собраниските тела е договорена можност за една реплика и за една контрареплика“, рече Стојановска.

Дијалогот „Жан Моне“ во рамки на кој пратениците дискутираа за нов собраниски Деловник почна пред околу пет години, со посредство на неколку европратеници. Целта е новиот Деловник да се донесе до крајот на 2023 година, а да се применува од новиот парламентарен состав по изборите следната година.