Вишото јавно обвинителство во Белград поднесе обвинителен акт против таткото и мајката на малолетниот напаѓач кој во мај уби девет ученици и училишен чувар и рани шест лица во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, изјави главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ на 10 октомври.
Таткото на малолетниот напаѓач од ОУ „Владислав Рибникар“, Владимир Кецмановиќ е обвинет за тешко кривично дело против општата безбедност.
Според обвинението, постои сомневање дека Кецмановиќ го обучувал детето како да ракува со оружје, како и дека не обезбедил услови за чување огнено оружје.
„Постои оправдано сомнение дека во периодот од една година пред трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“, пријавениот го обучувал својот 13-годишен син да ракува огнено оружје како и со соодветната муниција“, изјави главниот јавен обвинител на прес конференција.
Тој додаде дека обвинението од 267 страници е покренато по опсежна истрага за „конкретен случај што го погоди целото општество“.
Обвинителството предложи казна затвор од 12 години за Владимир Кецмановиќ.
Видете и ова: Србија жали за жртвите од нападот во училиштетоСтефановиќ изјави дека обвинителниот акт е поднесен и против мајката на малолетниот напаѓач, Миљана К., за кривично дело недозволено изработување, држење и продавање оружје, како и против претседателот на стрелачкиот клуб „Партизан практично стрелање“ и инструктор во тој клуб за давање лажна изјава.
Обвинителот Стефановиќ истакна дека обвинението не става крај на овој случај.
Масовното убиство во белградското основно училиште на 3 мај и она што следеше за помалку од 48 часа во селата Дубона и Орашје во близина на Белград, во кое загинаа осум лица, а 14 беа ранети, започна бран протести во градовите ширум Србија.
Протестите кои ги повикаа дел од опозициските партии продолжуваат и денес.
Барањата на протестот се исти со месеци, поточно смена на членовите на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми и раководството на РТС. Тие бараат и затворање на печатените медиуми и укинување на програмите и националните телевизиски фреквенции кои промовираат насилство и омраза, како и смена на министерката за внатрешни работи Братислава Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција, Александар Вулин.