Министерството за надворешни работи информира дека преку различни транспортни канали, уште десет македонски државјани го напуштиле Израел и тоа: четири со лет до Атина, петмина до Подгорица, а едно лице со лет до Истанбул. Заедно со оние кои претходно го сторија тоа, вкупната бројка македонски државјани кои во изминативе два дена го напуштија Израел, надмина 30.
Од ресорното министерство додаваат дека Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив, во тесна координација со кризниот штаб во Министерството активно работат на враќање на уште 100 наши државјани, кои побарале помош во напуштањето на Израел и кои во најголем дел се наоѓаат на безбедни локации.
„Дел се наоѓаат во подрачја кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни, за што веќе е обезбеден внатрешен транспорт низ територијата на Израел за нивно префрлување на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома. Меѓу нив се и двајца наши државјани во Појасот Газа, за чие извлекување е задолжена Амбасадата на Северна Македонија во Каиро, која е во директна комуникација со Министерството за надворешни работи на Египет“, се наведува во соопштението од МНР.
Видете и ова: Сведоштва на Македонци во Израел: Се слушаа сирени, бегавме во скривнициСпоред проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел престојуваат до 200 макеоднски државјани, од кои поголемиот дел е прецизно лоциран и редовно се одржува комуникација со нив, се до нивно враќање во Северна Македонија.
МВР апелира до нашите државјани во Израел да го следат Националниот портал за итни случаи (www.oref.org.il), односно тн. Home Front Command, специјализиран за цивилна заштита, кој излезе со нови препораки до населението, како и да се почитуваат сите други упатства на надлежните институции на Израел.