Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ денеска ќе одржат вонреден неформален состанок посветен на „последиците од најновиот развој на настаните во Израел и во регионот“, јавува МИА.
Најавувајќи го министерскиот состанок, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на платформата Х наведе дека шефовите на дипломатиите на членките на Унијата ќе го разгледаат одговорот и следните чекори на ЕУ на последните случување и ќе ја преразгледаат развојната помош за палестинските територии.
„Свикав итен состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во врска со ситуацијата во Израел и во регионот, наведе Борел, кој се наоѓа во оманскиот главен град Мускат, каде денеска ќе се одржи состанок на Советот за соработка меѓу Европската Унија и Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ).
Видете и ова: Израелскиот премиер ја повика опозицијата да се формира влада на национално единствоБорел, исто така на Х, објави дека во текот на вчерашниот ден имал средби со неколкумина високи владини претставници на земјите од регионот на Персискиот Залив, меѓу кои и со министрите за надворешни работи и за султанската канцеларија на Оман, Саид Бадр Ал Бусаиди и генерал Султан Ал Номани, со шефот на кувајтската дипломатија шеикот Салем Ал Сабах и со катарскиот државен министер за надворешни работи Солтан бин Саад Ал Мураики, со кои разговарал за ситуацијата во Израел и палестинските територии, како и за други регионални прашања.
„Итно да се приклучиме на меѓународните напори за запирање на насилството и спречување на регионалната дестабилизација. Треба да се работи неуморно за да се смени опасната динамика“, наведе Борел во објавата, додавајќи дека ЕУ сака поблиска соработка со партнерите од реонот на Персискиот Залив.
Портпаролот на Европската Комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано на вчерашниот редовен пладневен брифинг информира дека министерскиот состанок на ЕУ ќе се одржи во мешан формат, при што дел од шефовите на дипломатиите ќе присуствуваат во живо на заседанието во Мускат, а останатите ќе се приклучат онлајн.
Стано истакна дека ЕУ го признава правото на Израел на самоодбрана при сегашниот напад од страна на исламистичкото движење Хамас, но дека при тоа мора да го почитува меѓународното право. Тој го повика Хамас да ја прекине агресијата и да ги ослободи киднапираните израелски граѓани, со што би започнало придвижување кон одржливо решение за смирување на тензиите на теренот.