Ракети и климатски промени
ИЗРАЕЛ - Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека наредил „целосна опсада“ на Појасот Газа, велејќи дека властите ќе ја прекинат електричната енергија и ќе го блокираат влезот на храна и гориво.
„Наредив целосна опсада на Појасот Газа. Нема да има струја, храна, гориво, сè е затворено“, рече министерот Јоав Галант.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Луѓето не веруваат на институции, затоа и не излегуваат на протести, истакнаа малкуте насобрани пред Владата, кои протестираат за случајот „онкологија“.
САД - Хуманитарната ситуација во Појасот Газа беше исклучително тешка и пред овие непријателства. Сега само експоненцијално ќе се влошува, изјави на 9 октомври генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш.
МАКЕДОНИЈА - Државниот завод за статистика соопшти дека инфлацијата во септември се намалила во однос на август и изнесува 6,6 проценти. Во август инфлацијата изнесуваше 8,3 отсто. Минатата година имаше рекордна двоцифрена инфлација која достигна до речиси 20 отсто.
ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека она што ќе го доживее Хамас, ќе биде тешко и ужасно. Тој вели дека ова е само почеток.
Нетенјаху на властите во јужен Израел им порача да останат јаки, оти како што вели, „ќе го промениме Блискиот исток“.
ЧЕШКА - На затворениот турски активист за човекови права Осман Кавала на 9 октомври му е доделена наградата за човекови права Вацлав Хавел.
Таа се доделува секоја година од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во чест на „извонредната“ акција на граѓанското општество во одбрана на човековите права.
МАКЕДОНИЈА - Прашањето за лидерска средба треба да се постави до претседателите на партиите, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој вели дека доколку тие се согласат на лидерска, тој би свикал состанок за договор за термин за претседателски и парламентарни избори. Ако има волја, јас би ја испочитувал, додава Џафери.
РУСИЈА - Кремљ смета дека руските претседателски и парламентарни избори треба да се одржат според планираното без оглед на војната во Украина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски апелираше до Парламентарното собрание на НАТО да го обедини меѓународното владеење на правото и да се справи со тероризмот. Тој го спореди нападот врз Израел од, како што рече, „терористичка организација“ со слични тактики што ги користи Русија, за која рече дека е „терористичка држава“.
ЕУ - Советот на ЕУ денеска ја усвои новата Директива за обновливи извори на енергија, чија цел е зголемување на уделот на обновливата енергија во вкупната енергетска потрошувачка на Унија на 42,5 отсто до 2030 година, со можност за дополнител раст за уште 2,5 процентни поени до нивото од 45 проценти, јавува МИА.