Државниот завод за статистика соопшти дека инфлацијата во септември се намалила во однос на август и изнесува 6,6 проценти. Во август инфлацијата изнесуваше 8,3 отсто. Минатата година имаше рекордна двоцифрена инфлација која достигна до речиси 20 отсто.
Инфлацијата се намалува, но трошоците на живот растат, па во споредба со септември минатата година, трошоците пораснале за 6,6 отсто.
Владата од средината на минатиот месец стартуваше со мерката „гарантирани цени“, со што се намалија цени на 24 категории продукти. Но од мината недела пак данокот на додадена вредност на стотици прехранбени производи од 5 отсто се зголеми на 10, со што, како што пишуваше Радио Слободна Европа „здивеа“ цените во маркетите.
Видете и ова: Цените на храната „здивеа“ од мерките на ВладатаПоради „гарантираните цени“, се намалила и вредноста на синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство. За месец септември таа изнесува 48.379 денари, пресметал Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Во споредба со август кошницата е полесна за речиси 1000 денари. Но од ССМ велат дека со зголемувањето на ДДВ на одредени прехранбени производи повторно ќе дојде до зголемување на вредноста на потрошувачката кошничка. Граѓаните најмногу се засегнати од цените на храната, која за две години поскапе за речиси 40 отсто.