Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека она што ќе го доживее Хамас, ќе биде тешко и ужасно. Тој вели дека ова е само почеток.
Нетенјаху на властите во јужен Израел им порача да останат јаки, оти како што вели, „ќе го промениме Блискиот исток“.
„Знам дека поминавте низ тешки, ужасни работи. Она низ што ќе помине Хамас ќе биде тешко и страшно - ние веќе сме среде битка, а само што започнавме“, рече Нетанјаху, се наведува во соопштението од неговиот кабинет.
Израелскиот премиер разговараше со градоначалниците на градовите на јужната граница на Израел, кои беа цел на ненадејниот напад, кој започна во саботата, се вели во соопштението.
Палестинските милитанти во саботата на 7 октомври започнаа голем напад на Израел, по кој израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, во Појасот Газа.
Светските лидери ќе разговараат за ситуацијата во Израел
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека тој и францускиот претседател Емануел Макрон ќе разговараат за ситуацијата во Израел со американскиот претседателот Џо Бајден и со британскиот премиер Риши Сунак, подоцна денеска.
И министрите за надворешни работи на земјите-членки на Арапската лига закажаа состанок за како што велат, „да се запре израелската агресија“ врз Појасот Газа. Состанокот е закажан за 11 октомври во Каиро. Вонредната седница ќе се одржи на барање на Палестинците.
Арапска лига со седиште во Каиро, е регионална организација на арапските земји од Блискиот Исток и северна Африка. Организацијата е формирана во 1945 година и денес има брои 22 членки. Главна цел е да се координира нивната соработка, да се обезбеди независноста и суверенитетот, и генерално да се координираат работите и интересите на арапските земји.