ЕУ ја прекина помошта за Палестинците по нападот на Хамас врз Израел

Палестинците стојат меѓу урнатините по израелските напади врз станбена зграда, во градот Газа, 9 октомври 2023 година.

Европската комисија ќе ја ревидира целата своја развојна помош од 691 милиони евра за Палестинците и веднаш ќе ги прекине сите исплати, откако Хамас го нападна Израел.

„Степенот на теророт и бруталноста против Израел и неговиот народ е пресвртница“, рече, европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, во објава на платформата Х, поранешен Твитер.

Во судирите што следеа по истрелувањето на илјадници ракети на Хамас врз Израел на 7 октомври загинаа најмалку 700 Израелци, додека при израелските воздушни напади во Појасот Газа се убиени најмалку 436 луѓе.

Вархеји, исто така, рече дека сите нови буџетски проценки за палестинската помош се одложени.
„Сега е неопходно да се позанимаваме со темелите на мирот, толеранцијата и соживотот“, рече Вархеји, пренесе Ројтерс.

Видете и ова: Сведоштва на Македонци во Израел: Се слушаа сирени, бегавме во скривници

Германија и Австрија, исто така, претходно најавија запирање на помошта за Палестинците, додека други земји како Италија соопштија дека прекинот на помошта не е предмет на дискусија.

Европа е еден од главните извори на помош за окупираните палестински територии, каде што Обединетите нации проценуваат дека хуманитарна помош е потребна за околу 2,1 милион луѓе, меѓу кои и еден милион деца.

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се состанат во вторник за да одржат итен состанок за да ја разгледаат ситуацијата.

Најавата на Вархеји дојде само неколку часа откако претставници на ЕУ нагласија дека парите од ЕУ не одат за Хамас и дека контактите се замрзнати веќе 16 години, пренесува Асошиејтед Прес. ЕУ го смета Хамас за терористичка група.