Прашањето за лидерска средба треба да се постави до претседателите на партиите, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој вели дека доколку тие се согласат на лидерска, тој би свикал состанок за договор за термин за претседателски и парламентарни избори. Ако има волја, јас би ја испочитувал, додава Џафери.
„Ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на година. Се потоа ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон и Устав за редовните избори“, рече Џафери во изјава за МИА.
На прашањето дали сепак би свикал средба доколку мнозинството лидери на партии бараат од него и покрај тоа што премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, се изјасни дека нема потреба од такво нешто, претседателот на Собранието вели која би била смислата на една таква средба, ако нема волја од сите.
Видете и ова: Ковачевски - Уште во понеделник може да ги изгласаме уставните измени, па да одиме на избориПретседателот на Собранието во изјавата за МИА вели дека роковите за редовни термини за изборите се јасно, прецизно, пропишани со Устав и со закон, но и дека има простор за договор, но само до крајот на годината.
Претседателот на најголемата опозициска партија во Парламентот, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бара лидерска средна на која би се договорил термин за парламентарни и за претседателски избори.
Претседателските избори треба да се одржат во април - мај следната година, а парламентарните во јули.
Последната лидерска средба меѓу Мицкоски и Ковачевски се случи во јуни годинава, на која се зборуваше за уставни измени, но ништо не се договорија.
Уставните измени, со кои, меѓудругото и Бугарите ќе влезат во Уставот, се потребни да може земјата да продолжи со интеграцијата во Европската унија. Но ВМРО-ДПМНЕ се противи на измените и бара предвремени парламентарни избори.