Дваесет македонски граѓани на 8 октомври, преку различни транспортни канали го напуштиле Израел, соопшти на 9 октомври Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија. Уште над 100 граѓани се пријавиле дека сакаат да си заминат, соопшти Министерството.
Поголем дел од овие граѓани се на локации кои се сметаат за безбедни, а дваесетмина од нив си нашле билети да некои од летовите кои се на располагање.
МНР соопшти дека неколку од македонските граѓани пријавиле дека се во деловите на земјата кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни. Амбасада во Тел Авив и контакт центарот во Скопје се во постојан контакт со нив и активно се работи за да се обезбеди нивен трансфер на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома, соопшти Министерство за надворешни работи.
Според проценки на Кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 македонски државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив.
За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378 Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx
Видете и ова: Ковачевски - Се прави сѐ од Израел безбедно да се евакуираат сите македонски граѓаниПретходно премиерот Димитар Ковачевски изјави дека се прави сѐ од Израел безбедно да се евакуираат сите македонски граѓани.
Евакуацијата на македонските граѓани од Израел доаѓа по големиот напад на палестинските милитанти во Израел кој започна во саботата на 7 октомври, а по кој израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, во Појасот Газа.