Кремљ смета дека руските избори треба да се одржат според планираното

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ смета дека руските претседателски и парламентарни избори треба да се одржат според планираното без оглед на војната во Украина, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Поаѓаме од изјавата на претседателот Путин во која тој ја нагласи потребата да се почитуваат сите барања на демократијата, уставот и, согласно тоа, одржување на овие избори“, рече Песков за руска новинска агенција.

Тој реагираше на коментарите на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, близок сојузник на Путин, кој во саботата рече дека Русија или треба да ги одложи претседателските избори поради војната во Украина или да дозволи само еден кандидат - Путин.

Видете и ова: Кадиров е за одложување на изборите или Путин да биде единствен кандидат

Рускиот устав предвидува можност за откажување на изборите доколку се прогласи вонредна состојба.

Сега е прогласена воена состојба на териториите окупирани од Русија во украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Русија не ги контролира целосно териториите на овие региони, но ги смета сите овие територии руски со правата на поединечни субјекти на Руската Федерација.

Следните претседателски избори Русија треба да ги одржи во 2024 година, а идните парламентарни избори во 2026 година.