Усвоена новата европска директива за обновливи извори на енергија

илустрација

Советот на ЕУ денеска ја усвои новата Директива за обновливи извори на енергија, чија цел е зголемување на уделот на обновливата енергија во вкупната енергетска потрошувачка на Унија на 42,5 отсто до 2030 година, со можност за дополнител раст за уште 2,5 процентни поени до нивото од 45 проценти, јавува МИА.

Согласно Директивата, секоја земја членка на ЕУ е обврзана да придонесе за постигнување на оваа цел во секторите транспортот, индустријата, градежништвото и централното загревање и ладење.

Видете и ова: ЕУ ќе инсистира на укинување на фосилните горива на Самитот за климатски промени

Шпанската министерка за еколошка транзиција Тереза Рибера, по повод усвојувањето на Директивата, изјави дека тоа претставува „големо достигнување“, што ќе помогне да се постигне климатската цел на ЕУ за намалување на емисиите на штетни гасови во Унијата за најмалку 55 отсто до 2030 година.

„Тоа е чекор напред кој ќе придонесе за постигнување климатските цели на ЕУ на фер, рентабилен и конкурентен начин“, додаде Рибера.

Неодамна и високиот комесар на Обединатите Нации (ОН) за човекови права Волкер Турк смета дека решавањето на проблемите кои настануваат од климатските промени е прашање на човековите права. Тој ги критикуваше светските лидери дека размислуваат само за краткорочни решенија наместо да се справуваат со климатската криза.

Според актуелните трендови на политиката, планетата ќе биде потопла за 2,8 степени Целзиусови до крајот на векот, беше посочено на советодавниот панел на ОН за климатски науки во јули годинава.