Групата на граѓански организации за реформи во правосудството, Блупринт, денеска соопшти дека се повлекуваат од процесот за изработка на новиот Кривичен законик.
Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници изјави дека клучната причина за нивното повлекување од од процесот се последните измени на Кривичниот законик од 6 септември 2023 година, што беа предложени од страна на Владата.
„Постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото,“ истакна Цветановска.
Видете и ова: Пратениците изгласаа измени на Кривичен законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на функцијаТаа исто така нагласи дека и нивната одлука за неодамнешното повлекување од работната група за изработка на нацрт предлогот за Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка е тесно поврзано со нивниот став за повлекување од процесот за изработка на нов Кривичен законик.
„Неспорно е дека и Кривичниот законик и Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка се суштински и тематски поврзани во борбата против криминалот и корупцијата. Оттука, доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме“, додаде Цветановска.
Видете и ова: Брисел ги разгледува измените на Кривичниот законикПретставниците на невладините кои се дел од Блупринт групата се согласуваат дека со измените коишто веќе се донесени и стапени на сила, последиците ќе ги трпат и граѓаните и владеењето на правото.
Измените кои предизвикаа најмногу реакции во јавноста се однесуваа на кривичните дела злосторничко здружување (член 394 од КЗ) и злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353 од КЗ). Со нив, максималната казна од десет години затвор за злосторничко здружување се намали на три години.