Бухабиб: Хезболах нема да се придружи во борбите доколку Израел не го малтретира Либан

илустрација

Шефот на либанската дипломатија, Абдалах Бухабиб, денеска изјави дека неговата влада добила гаранции од Хезболах дека нема да се вклучи во борбите меѓу Израел и палестинскиот Хамас доколку Израел не го малтретира Либан.

Хезболах вчераутрото истрела минофрлачки гранати врз позициите на израелската војска на границата со Либан, во време кога борбите на југот на Израел беа во тек, јави „Тајмс оф Израел“.

Либанската терористичка група, која е поддржана од Иран, тврди дека истрелала десетици ракети и гранати врз три израелски позиции во спорниот регион Маунт Дов во знак на солидарност со Хамас.

Групата, подоцна, во соопштение наведе дека нападот со употреба на „голем број ракети и гранати“ бил извршен во знак на солидарност со „палестинскиот отпор“.

Тврдат дека директно биле погодени израелските позиции.

Видете и ова: САД наскоро ќе објават каква поддршка ќе му дадат на Израел

Израелските одбранбени сили (ИДФ) не пријавија повредени и соопштија дека одговориле со артилериски оган врз областа за лансирања и напади со беспилотни летала на „инфраструктурата на Хезболах“.

Според неименуван воен извор, локацијата која била цел на нападот со дрон бил шаторот што оваа терористичка група го поставила на израелска територија пред неколку месеци.

По големиот напад на палестинските милитанти во Израел кој започна во саботата на 7 октомври, израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, кој владее со Појасот Газа.

Повеќе од 600 Израелци беа убиени во саботата, повеќе од 100 луѓе се киднапирани, а повеќе од 2 000 биле повредени. Најмалку 370 Палестинци загинале во Појасот Газа, а други 2 200 се повредени, соопшти палестинското Министерство за здравство.