МНР - 20 македонски државјани го напуштија Израел, се проценува дека има меѓу 100 и 200

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.

Дваесет македонски државјани кои побарале асистенција за нивна евакуација од Израел, безбедно ја напуштиле земјата и се на пат кон Северна Македонија, соопшти денеска Министерството за надворешни работи, по големиот напад на палестинските милитанти во Израел кој започна во саботата на 7 октомври, а по кој израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, во Појасот Газа.

Во соопштението на македонското МНР се наведува дека уште 11 државјани на Северна Македонија очекуваат асистенција, а се проценува дека ги има меѓу 100 и 200.

Од МНР наведуваат дека по вчерашните „брутални напади' од страна на Хамас на територијата на Израел, безбедносната состојба во државата, особено во деловите кои со во близина на Појасот Газа и пограничните делови со Либан, е сериозно влошена и дека бројни граѓани се пријавија на телефоните во Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив и СОС телефоните во централа и побараа асистенција за нивна евакуација.

„Од пријавените граѓани, деветте туристи кои доаѓаат од Велес, и кои во комуникација со нашите колеги од Албанија беа прифатени во специјалниот лет на Владата на Албанија за евакуација од Тел Авив, наскоро очекуваме да слетаат во Тирана, од каде претставници од нашата амбасада ќе ги префрлат со организиран транспорт кон дома. Во оваа прилика изразуваме благодарност до колегите од Албанија, за брзата реакција и прифаќање на нашите државјани“, наведува МНР.

Видете и ова: Блинкен - Американски граѓани е можно да се земени како заложници во Израел

Стотици мртви и повредени во борбите кои почнаа откако милитантите на Хамас вчера на 7 октомври започнаа напад врз Израел. Десетици борци на Хамас се инфилтрираа преку силно утврдената граница, а израелската војска по нападот гаѓа цели на Хамас во Газа. Израел прогласи воена состојба, а убиен е висок член на Хамас.

Претходно, како што наведува македонското МНР, седум државјани на Северна Македонија, туристи кои биле затечени во Витлеем, успешно ја поминале границата со Јордан, каде биле прифатени од почесната конзулка од земјава и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома.

Утрово, четворочлено семејство затекнато во Тел Авив, преку комерцијален лет се упати кон Истанбул, од каде исто така ќе го продолжи патувањето кон дома, посочуваат од МНР.

Видете и ова: Убиени повеќе од 600 Израелци, најмалку 370 загинати Палестинци

Амбасадата во Тел Авив останува во контакт со сите останати државјани на Северна Македонија кои се имаат пријавено и побарале асистенција при нивното напуштање на Израел, меѓу нив и 11 градежни работници кои биле затечени во Рамала на Западниот Брег, наведува МНР.

„Министерството за надворешни работи, преку Кризниот штаб и дипломатско-конзуларната мрежа, воспостави директна комуникација и координација со земјите од регионот на Блискиот исток и Југоисточна Европа, со цел искористување на сите расположливи летови и враќање на нашите државјани, за што е пратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија, во двата региона“, велат од мНР.

За повеќе информации од МНР велат дека се на располагање СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378. Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx .
Од МНР апелираат до граѓаните на Севрна Македонија кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во Амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.