Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека Вашингтон подоцна денеска ќе објави каква поддршка ќе му пружи на Израел.
Тој рече дека Израел поставил низа барања кои владата сега ги разгледува.
Зборувајќи за Си-Ен-Ен, Блинкен рече дека упадот на Хамас е „недискриминирачки терористички напад од терористичка организација“.
Самиот Израел сега е „релативно мирен“, рече Блинкен, но додаде дека САД разбираат дека „интензивните“ борби продолжуваат во Газа.
Одделно, Стејт департментот доби бројни извештаи за убиени американски граѓани, а Блинкен рече дека тој и неговиот тим работат на проверка на тие извештаи.
Бројот на жртви расте по големиот напад на палестинските милитанти во Израел кој започна во саботата на 7 октомври, а по кој израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, кој владее со Појасот Газа.
Видете и ова: Убиени повеќе од 600 Израелци, најмалку 370 загинати ПалестинциПовеќе од 600 Израелци се убиени од саботата, се наведува на Фејсбук страницата на израелската владина прес-служба. Се додава дека повеќе од 100 луѓе се киднапирани, а повеќе од 2.000 се повредени.
Најмалку 370 Палестинци се загинати во Појасот Газа, а други 2.200 се повредени, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Израел соопшти дека извршил повеќе од 400 напади врз Појасот Газа, инсистирајќи дека тие биле насочени кон инфраструктурата на Хамас, а премиерот Бенјамин Нетанјаху ги предупреди граѓаните во Појасот да го напуштат регионот, бидејќи неговите војници милитантните зони ќе ги претворат „во рушевини“.
Европската унија, САД и Израел го класифицираат Хамас како терористичка организација.