Полицаец во Египет пукаше на туристи од Израел

Илустративна фотографија - Патници се возат во автобус во Каиро. 2 октомври 2023 година.

Египетски полицаец отвори оган врз израелски туристи во медитеранскиот град Александрија, при што уби најмалку двајца Израелци и еден Египќанец, соопшти египетското Министерство за внатрешни работи, пренесе АП.

Телевизискиот канал „Екстра њуз“ цитираше неидентификуван безбедносен функционер како вели дека уште едно лице е рането во нападот што се случи на местото на Помпејовата колона во Александрија.

Соопштено е дека осомничениот напаѓач е приведен.

Израелската спасувачка служба Зак извести дека две лица загинале во Александрија.

Видете и ова: Во нападите се вклучи Хезболах, Израел го гаѓаше јужен Либан

Инцидентот се случува откако милитантите на Хамас во саботата на 7 октомври започнаа напад врз Израел. Десетици борци на Хамас се инфилтрираа преку силно утврдената граница, а израелската војска по нападот гаѓа цели на Хамас во Газа.

Израелските власти денеска соопштија дека во Израел најмалку 250 луѓе се убиени, а повеќе од 1.500 се ранети. Во меѓувреме, палестинските власти соопштија дека најмалку 232 Палестинци се убиени, а повеќе од 1.700 се ранети.

Египет склучи мир со Израел пред неколку децении и долго време служеше како посредник во израелско-палестинскиот конфликт.

Но, антиизраелското расположение е високо во земјата, особено за време на конфликтот, пишува АП.