Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, на својот колега, Министерот Ели Коен, му изрази сочувство за жртвите и последиците, притоа силно осудувајќи ги континуираните напад врз Израел, кои започнаа со вчерашниот напад од страна на Хамас.
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, Османи го реафирмирал ставот на Министерството, за итно ослободување на сите цивили кои се држат во заложништво од страна на Хамас, како и итно прекинување на било какви насилни дејствија врз Израел.
„Со оглед на влошената безбедносна состојба, утрово Министерот за надворешни работи, Бујар Османи по итна постапка оформи кризен штаб во рамките на Министерството, чија задача е да ги следи, координира и систематизира сите постапки поврзани со нашите државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, и на кои им биде потребна помош или асистенција за нивно безбедно евакуирање“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Израел „во војна“ по ненадејните напади на Хамас, стотици мртвиСпоред информациите на Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството за надворешни работи во Скопје, во Израел и на Западниот Брег постојано се зголемува бројот на наши државјани кои се пријавуваат дека се затечени во и околу загрозените подрачја.
„Со сите пријавени наши државјани се одржува постојан контакт од страна на Амбасадата, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедна евакуација“, наведува МНР.
Покрај активностите на амбасадата во Израел, утрово е испратена итна инструкција до дипломатската мрежа на Република Северна Македонија во околните земји, за нивна посебна подготовка за евентуални активности и нивна 24 часовна достапност како за централата во Скопје, така и за евентуалната комуникација со граѓаните. Дипломатската мрежа е во контакт и со колегите од дипломатските претставништва на пријателските земји, кои исто така се во подготовка за организирана асистенција на затекнатите граѓани во и околу загрозените подрачја.
Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.
За повеќе информации, на располагање се СОС дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378, наведува Министерството за надворешни работи.
Стотици мртви и повредени има во борбите кои почнаа откако милитантите на Хамас започнаа напад врз Израел во саботата на 7 октомври. Десетици борци на Хамас се инфилтрираа преку силно утврдената граница, а израелската војска по нападот гаѓа цели на Хамас во Газа.
Израелските власти утринава на 8 октомври соопштија дека во Израел најмалку 250 луѓе се убиени, а повеќе од 1.500 се ранети. Во меѓувреме, палестинските власти соопштија дека најмалку 232 Палестинци се убиени, а повеќе од 1.700 се ранети.