Во рускиот напад врз јужниот украински регион Херсон на 8 октомври беа ранети десетина луѓе, меѓу кои и 27-годишна жена и нејзиното деветмесечно бебе, изјави регионалниот гувернер.
„Регионот Херсон доживеа уште една страшна ноќ“, напиша гувернерот Олександр Прокудин на Телеграм.
Во меѓувреме, ОН и локалните истражители бараат одговори на местото на рускиот ракетен напад врз малото украинско село Хроза во регионот Харкив, во кој загинаа повеќе од 50 луѓе.
Истражителите донеле прелиминарен заклучок дека речиси сите убиени се цивили, се вели во соопштението на ОН споделено со Асошиетед прес.
Видете и ова: Украина извести за мал напредок на исток, руските напади продолжуваат„Моите првични разговори со локалните жители и преживеаните покажуваат дека практично сите убиени се цивили и дека самата цел, прометно селско кафуле и продавница, исто така е јасно цивилна“, беше цитирана Даниеле Бел, која го предводеше тимот што ја посети Хроза во октомври, се наведува во соопштението на ОН.
„Она што се случи овде е уште еден трагичен потсетник за смртоносното влијание на руската инвазија врз цивилите во Украина“, додава Бел.
Москва негира дека цели на цивили во нејзината целосна инвазија, позиција што ја повтори на 6 октомври како одговор на нападот во Хроза. Илјадници беа убиени во руското бомбардирање кое погоди станбени блокови и ресторани, како и електрани, мостови и силоси за жито.
Селското кафуле беше уништено и цели семејства загинаа по ракетниот напад на 5 октомври за време на церемонијата за Андриј Козир, војник од Хроза, кој загина минатата зима борејќи се против руските инвазивни сили во источна Украина.
Украинскиот Генералштаб на својот дневен брифинг на 8 октомври соопшти дека неговите сили бележат бавен напредок во областите Мелитопол на југ и Бахмут на исток. Исто така, објави „делумен успех североисточно од Андријивка“, во регионот Доњецк, на помалку од 10 километри од Бахмут.
Според украинската војска, во текот на изминатите 24 часа, руската војска извршила осум ракетни и 34 воздушни напади и извршила 37 напади со ракетни системи и врз позициите на украинските војници, како и врз локациите на цивилите.