Земјотрес во Авганистан, над 300 загинати

Авганистански жители ги чистат остатоците од оштетената куќа по земјотресот во селото Сарбуланд во областа Зенде Јан во провинцијата Херат на 7 октомври 2023 година

Најмалку 320 лица загинаа во силен земјотрес што денеска го погоди северозападен Авганистан, соопштија Обединетите нации.

Два земјотреси со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала ја погодија областа на 40 километри северозападно од градот Херат, а беа проследени со четири големи последователни потреси, објави Американскиот геолошки институт (УСГС).

Голем број луѓе по првиот земјотрес ги напуштија зградите околу 11 часот по локално време, а ОН објавија дека загинале најмалку 320 луѓе, пишува „Индепендент“.

УСГС предвиде можност за бројни жртви.

„Веројатни се значителни жртви, а катастрофата е потенцијално широко распространета. Настаните во минатото со ова ниво на тревога бараа регионален или национален одговор“, објави АФП.

По првиот удар следеа дополнителни земјотреси со јачина од 5,5, 4,7, 6,3 и 5,9 степени.

Нерамниот терен на Авганистан е подложен на сеизмичка активност поради судирот на индиската тектонска плоча со евроазиската плоча на север, што доведува до земјотреси.