Претставници на Обединетите нации и неколку земји на 7 октомври се огласија по повод нападот без преседан врз Израел од страна на милитантната група Хамас.
Хамас истрела илјадници ракети додека десетици борци на Хамас се инфилтрираа преку силно утврдената граница на неколку локации во Израел.
Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации повика на итен прекин на насилството во Газа, откако палестинската исламистичка група Хамас го започна својот најголем напад врз Израел во последните години.
Волкер Турк рече дека е шокиран од извештаите дека стотици ракети биле истрелани врз Израел и извештаите дека израелски цивили биле земени како заложници.
Тој го повика Израел да преземе мерки на претпазливост за да избегне цивилни жртви бидејќи земјата одговори на нападите со воздушни напади врз Газа.
„Повикувам на итен прекин на насилството и апелирам до сите страни и клучни земји во регионот да се деескалираат за да се избегне натамошно крвопролевање“, рече Турк.
Видете и ова: Израел „во војна“ по ненадејните напади на Хамас, стотици мртвиПортпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа рече дека САД „недвосмислено ги осудуваат“ нападите на палестинската исламистичка група Хамас врз израелските цивили и цврсто стојат со владата и народот на Израел, објави Си-Ен-Ен на 7 октомври.
Цитирајќи ја изјавата на портпаролот, Си-Ен-Ен објави дека советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан разговарал со неговиот израелски колега Тачи Ханегби и дека ќе остане во близок контакт.
На 7 октомври и Европската унија ги осуди нападите на палестинската група Хамас врз Израел и повика на итен прекин на насилството.
„Ова страшно насилство мора веднаш да престане. Тероризмот и насилството не решаваат ништо. ЕУ ја изразува својата солидарност со Израел во овие тешки моменти“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Борел, исто така, го осуди земањето цивили како заложници по нападот врз Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас.
„Вестите за цивилите земени како заложници во нивните домови или во Газа се ужасни. Тоа е спротивно на меѓународното право. Заложниците мора веднаш да бидат ослободени“, напиша тој на платформата X, порано позната како Твитер.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли ги осуди нападите на палестинските милитанти од Појасот Газа врз Израел.
„Велика Британија секогаш ќе го поддржува правото на Израел да се брани“, напиша тој на социјалните мрежи.
Германија „остро ги осудува терористичките напади од Газа врз Израел“, изјави министерката за надворешни работи Аналена Бербок.
Видете и ова: Галант: Хамас започна војна против Израел и ќе биде поразенФранцускиот претседател Емануел Макрон изјави дека „остро“ ги осудува „терористичките напади“ врз Израел.
Украинското Министерство за надворешни работи, исто така, ги осуди, како што рече, „терористичките напади“ врз Израел по нападот на Хамас.
За нападот на Хамас се огласи и Русија.
Руското Министерство за надворешни работи ги повика израелските и палестинските сили да ги прекинат вооружените непријателства.
„Ги повикуваме палестинската и израелската страна веднаш да го прекинат огнот, да се откажат од насилството, да ја покажат потребната воздржаност и со помош на меѓународната заедница да воспостават преговарачки процес насочен кон воспоставување сеопфатен, траен и долгоочекуван мир“, рече Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Саудиска Арабија повика на итен прекин на борбите во Израел и во Појасот Газа. Саудиското Министерство за надворешни работи, исто така, ги повика двете страни да ги заштитат цивилите и да покажат воздржаност.
Саудиска Арабија, инаку, долго време ги поддржува Палестинците и повика на спроведување на решение за две држави засновано на границите на Израел од 1967 година, со источен Ерусалим како палестинска престолнина.