Министерот за одбрана на Израел објави дека милитантната група Хамас започнала војна против Израел и вети дека „Израел ќе победи“. По состанокот на безбедносниот кабинет во воениот штаб на Израел во Тел Авив, министерот за одбрана Јоав Галант предупреди дека Хамас „направил сериозна грешка“ со лансирањето ракети кон јужниот и централниот дел на Израел во својот ненадеен напад рано наутро.
Во една од најсериозните ескалации последниве години меѓу Израел и милитантната група која владее со Газа, вооружени лица на Хамас ја преминаа граничната ограда на неколку места и се инфилтрираа во израелските заедници.
На 7 октомври Европската унија ги осуди нападите на палестинската група Хамас врз Израел и повика на итен прекин на насилството.
„Ова страшно насилство мора веднаш да престане. Тероризмот и насилството не решаваат ништо. ЕУ ја изразува својата солидарност со Израел во овие тешки моменти“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Палестинските милитанти во Појасот Газа извршија невидена инфилтрација во јужниот дел на Израел на 7 октомври, испраќајќи борци преку границата и истрелувајќи илјадници ракети во земјата, а милитантната група Хамас најави почеток на нова операција.