Од Средоземното Море во близина на Либија спасени 258 мигранти

Архивска фотографија / Мигранти во Средоземното Море во близина на Либија

Во две одделни операции спасени се 258 мигранти кои се наоѓале на Средоземното море во близина на Либија, објавија Лекари без граници.

Според меѓународната невладина организација, едниот спасувачки чамец евакуирал 162 лица, меѓу кои 17 жени и 29 деца. Повеќето од мигрантите биле од Сирија и Египет, а покрај спасените имало и мртви.

Во другата акција со сличен чамец, пак, биле спасени 96 лица, меѓу кои девет деца, главно Сиријци.

Лекари без граници соопштија дека поморската управа на Италија наредила спасените да бидат однесени во пристаништето Салерно во близина на Неапол, кое се наоѓа на околу 400 километри од местото каде биле пронајдени мигрантите.

Според статистиката на италијанското Министерство за внатрешни работи, годинава во Италија пристигнале околу 136 000 мигранти, додека истиот период лани имало 72 000.

Денеска (6 октомври) и шпанската поморска спасувачка служба објави дека 518 мигранти во шест бродови пристигнале на Канарските острови во последните 24 часа.

Мигрантите пристигнаа на шпанска територија додека лидерите на Европската Унија се среќаваат во Гранада во јужна Шпанија на самитот на Европската политичка заедница, каде една од главните теми е токму имиграцијата.