Министерството за образование и наука (МОН) најави дека и во текот на претстојниот викенд до училиштата во земјава ќе испорачува дел од учебниците што им недостигаат на шестоодделенците.
„Информираме дека учебниците за шесто одделение кои се веќе одобрени од Националната комисија за учебници и имаат добиено ЦИП запис, веќе се печатат и испорачуваат до училиштата. Задолжените за испорака се максимално одговорни и ангажирани, во договорот со училишните раководства ќе испорачуваат учебници и во текот на овој викенд“, велат од МОН.
Според информациите од министерството, во фаза на печењето и испорака се учебниците по албански јазик и природни науки на македонски јазик, кои беа одобрени и добија ЦИП запис на 27 и 29 септември.
Недостигаат и учебниците пак по македонски јазик и природни науки на албански јазик, а од МОН уверуваат дека дистрибуцијата ќе се случи во текот на следната недела со оглед дека тие добиле ЦИП запис пред два дена (4 октомври), а договорите со авторите се склучени денеска (6 октомври).
Денеска е склучен и договорот за учебникот по математика.
Видете и ова: Бендевска - МОН ќе добие тужба оти нема учебници за ситеИако министерот за образование Јетон Шаќири на почетокот на школската година уверуваше дека до крајот на септември сите ученици ќе добијат учебници, тоа сепак не се случи, односно шестоодделенците не добија учебници. На 2 октомври, тој во изјава за медиумите рече дека почнала доставата на учебници за шесто и дека тие до крајот на оваа недела ќе имаат учебници.
Без сите учебници школската година почна и за третоодделенците. На нив книгите им беа доставени во текот на септември.
Наставата во двете одделенија (трето и шесто) од годинава се одвива по нова програма.
Поради недостигот на учебници, Весна Бендевска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација соопшти дека се подготвува тужба за заштита од дискриминација против МОН.