Регионот на Западен Балкан не изгледа добро и сите се плашат дека може да оживеат духовите од минатото, изјави специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак.
Говорејќи на форумот 2BS во Будва, Црна Гора, на 6 октомври, тој оцени дека ситуацијата помеѓу Белград и Приштина се влошила по конфликтот на 24 септември и тоа, според него, е „предизвик за целиот регион, а не само за тие две земји“.
Во Бањска на северот на Косово, косовската полиција беше нападната од вооружена група и во конфликтот беше убиен полицаецот Африм Буњаку, додека од другата страна загинаа тројца од напаѓачите.
„За жал, по тој настан ситуацијата е ужасна. Сега најважно е да се утврдат фактите и да се извлечат заклучоци и последици. Од една страна треба да се работи на нормализација и дијалог, а од друга страна имаме ескалација“, рече Лајчак.
Видете и ова: Баербок ќе разговара со лидерите од Србија и КосовоСпецијалниот претставник на ЕУ смета дека случувањата од 24 септември не се несреќен случај туку сериозна и намерна акција која треба темелно да се истражи.
На конкретно прашање што би можело да се смени, Лајчак посочи дека во сегашните околности не е во ред Косово да биде под казни од Унијата и оти една од можностите за во иднина е поврзана со воведување санкции и за Србија.
За нападот врз косовската полиција, властите во Приштина ја обвинија Србија, а официјален Белград негираше вмешаност. Одговорноста за организирање на нападот, пак, ја презеде српскиот бизнисмен и политичар Милан Радоичиќ кој беше и потпретседател на Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово поддржана од властите во Белград. Тој беше приведен на 3 октомври, а ден подоцна Вишиот суд го пушти од притвор со мерка забрана за напуштање на територијата на Србија. Денеска (6 октомври) белградското обвинителство поднесе жалба на одлуката за укинување на притворот.