Повеќе од 43 милиони деца во светот биле внатрешно раселени од 2016 до 2021 година поради екстремни временски непогоди и катастрофи предизвикани од климатските промени, соопшти Агенцијата за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Оттаму наведуваат дека во 44 земји во овој шестгодишен период секој ден околу 20 000 деца морале да ги напуштат своите домови поради поплави, бури, суши или шумски пожари.
Според анализата на УНИЦЕФ, земјите кои во апсолутни бројки регистрирале најголеми раселувања на деца поради екстремните временски непогоди се Кина и Филипините. Најтешко погодени, пак, биле децата во малите островски земји како Доминика и Вануату, каде најчести причини биле бури, додека во Сомалија и Јужен Суда децата трпеле последици од поплави.
Видете и ова: Два милиона деца побегнаа од Украина, уште 2,5 милиони се внатрешно раселениОд вкупниот број раселени деца во периодот од 2016 до 2021 година, најголем дел – 40,9 милиони ги напуштиле домовите токму поради бурите и поплавите. Во 1,3 милиони случаи причината била сушата, додека во 810 000 шумски пожари.
Од УНИЦЕФ направија и проекција за можниот развој на ситуацијата во следните 30 години при што се предвидува дека поплавите би можеле да раселат 96 милиони деца, а ураганските ветрови и бурите 17,5 милиони деца. Меѓутоа, заклучокот е дека со сегашното влошување на ситуацијата со климатските промени бројките може да бидат уште поголеми.