Регионот на Западен Балкан мора ги засили напорите за реализација на внатрешните реформи, за зајакнување на регионалната соработка и дополнително за зајакнување на добрососедството, порача шефот на дипломатијата Бујар Османи во обраќањето на министерскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес што се одржува во Тирана.
„Заедничкиот регионален пазар не само што останува драг на нашите срца бидејќи беше инаугуриран за време на нашето заедничко претседавање со Бугарија со иницијативата во 2020 година, туку што е уште поважно, го гледаме како клучен елемент за економскиот раст на регионот и чекор поблиску до единствениот пазар“, рече Османи.
Во говорот тој оцени дека Берлинскиот процес еволуирал во водечка платформа за регионална соработка која носи голема политичка и економска тежина и служи како движечка сила за регионалната соработка. Исто така, според Османи, Берлинскиот процес му помага на регионот да ја оствари и својата стратешка цел – целосна интеграција во Европската Унија.
Видете и ова: Рама и Ковачевски- Берлинскиот процес е поголем од Отворен БалканВо однос на европската интеграција, тој потенцирал и дека е охрабрувачки што внатрешната дебата во ЕУ за нејзиното проширување добива на темпо и квалитет.
Министерскиот состанок што се одржува во Тирана, е во пресрет на Самитот на лидерите на Берлинскиот процес што на 16 октомври 2023 година треба да се одржи во главниот град на Албанија.
Албанскиот премиер Еди Рама најави дека меѓу европските лидери што го потврдиле учеството се претседателот на Франција Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Берлинскиот процес започна во 2014 година на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, а неговата цел е да ги поврзе земјите од Западен Балкан и ЕУ и да им помогне да градат меѓусебни односи врз основа на европските вредности.