Професори поднесоа пријава до Антикорупциска против ректорката, УКИМ ја брани

Ректор на УКИМ Биљана Ангелова

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) демантира дека ректорката Биљана Ангелова ја злоупотребила службената положба и овластувања, откако група професори соопштија дека поднеле пријава против неа до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) затоа што и додека работела како проректор го прекршила законот бидејќи била дел од надзорен и управен одбор на приватни компании.

„Универзитетот сака да го разјасни својот став по ова прашање. Ние ги негуваме вредностите на нашата институција за транспарентност, интегритет и потрага по вистината во највисоко почитување. Иако ја разбираме тежината на таквите наводи, императив е да им пристапиме со остроумен ум, потпирајќи се на докажани факти, а не на претпоставки“, пишува во писмената реакција од УКИМ.

Оттаму потенцираат дека по прелиминарниот внатрешен преглед за обвинувањата на адреса на ректорката ги сметаат за неточни.

„Универзитетот ја нагласува важноста да не се донесуваат опсежни јавни пресуди врз основа на неосновани тврдења, особено кога тие се презентираат анонимно. УКИМ отсекогаш ја поддржувал културата на академска извонредност и етичко однесување. Обесхрабрувачки е да се види како името на нашата почитувана ректорка и угледот на нашата институција се вовлекуваат во контроверзии врз основа на потенцијално погрешни информации“, додаваат од Универзитетот.

Во писмото со обвинувањата кон Ангелова објавено на новинската агенција МИА кое беше потпишано само од Професори на УКИМ, без да се наведат кои се потписници, се истакнуваше дека нејзиното повеќегодишно работење има создадено простор за злоупотреба на службената положба и овластување за лична корист, на штета на репутацијата, интегритетот и работењето на најстариот државен Универзитет.

„Според информации на колективот на Универзитетот, спротивно на Законот, и како проректор и по стапувањето на функцијата ректор, лицето Биљана Ангелова врши други функции за кои има законска забрана. Меѓу другите функции, таа е член на управен одбор на приватна компанија во јавноста позната по брендот 'Винчини' и член на Надзорен одбор (орган на управување) на ХАЛК БАНКА АД Скопје“, се вели писмото.

Дополнително Професори од УКИМ тврдат дека Ангелова во 2014 година, таа, како директор на Економскиот институт при Универзитетот била потписник на иницијативата за повторно кандидирање на проф. д-р Ѓорѓе Иванов за претседател на Република Македонија, по што истата година била именувана за претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија во кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ангелова - Платите во високото образование се непристојни


„Истата 2014 година, повторно како директор на Економскиот институт при нашиот државен Универзитет, Биљана Ангелова учествуваше во формирањето на приватна Академија за банкарство и информатичка технологија. Со повикување на нејзината тогашна функција на институт на државен Универзитет стана член на Управниот одбор и на Академскиот совет на приватната Академија во кои партиципираат структури од банкарскиот сектор. Оваа приватна Академија остварува профит наплаќајќи ги своите специјализации, при што посебен таргет се студентите. Конкретните специјализации не биле понудени преку државниот Економски институт каде лицето Биљана Ангелова беше директор, туку преку приватната Академија“, се вели во соопштението.

Тие посочуваат дека за нив во академската заедница е страшно што Ангелова, од позиција на проректор и сега ректор на Универзитетот вршела и врши настава, како што велат, и на приватни т.н. академии.

„Меѓу другото, Ангелова е обучувач на „Прогресив академија“ која е регистрирана како фондација, формирана од МАКПРОГРЕС ДОО Виница, во чиј Управен одбор членува лицето Ангелова. Според јавно достапните податоци, надоместот за упис на оваа приватна т.н. академија изнесува 1900 евра. Евидентно е и заобколување на Законот за високо образование“, се вели во соопштението.

Професорката Биљана Ангелова од Економскиот институт на 15 септември годинава и официјално ја презема ректорската функција на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.