Ново руско гранатирање врз регионот Харкив, загина дете

Последици од руското гранатирање во регионот на Харкив

Русија започна нови артилериски напади врз Харкив, при што загина едно дете, објавија регионалните власти рано на 6 октомври, додека североисточниот украински регион тагува за десетици луѓе убиени од руски проектил во селото Хроза претходниот ден во еден од најсмртоносните напади врз цивили.

Едно 10-годишно момче беше убиено, а уште девет лица беа ранети во градот Харкив во текот на ноќта, изјавија на 6 октомври градоначалникот Ихор Терехов и регионалниот гувернер Олех Синјехубов.

"Детето е пронајдено под урнатините на станбена зграда. За жал мртво. Сочувство до родителите и роднините", напиша Терехов на Телеграм.

Видете и ова: Десетици загинати во руски напад во село во Украина за време на комеморација


Последниот напад се случи кога во регионот Харкив е прогласена тридневна жалост по рускиот ракетен напад претходниот ден во кафуле во Хроза, село на околу 85 километри југоисточно од Харкив, при што загинаа најмалку 51 лице, вклучително и едно дете.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека нападот бил „намерен терористички акт“, додека Белата куќа нападот го нарече „неверојатно ужасен за народот на Украина“, а генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побара таквите напади веднаш да се прекинат.