Мишел ги покани лидерите на Ерменија и на Азербејџан на состанок во Брисел

Шпанија - Премиерот на Ерменија Никол Пашинијан се состана со германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во Гранада, 5 октомври 2023 година.

Лидерите на Франција, Германија и на ЕУ ја изразија својата „непоколеблива поддршка“ на Ерменија откако премиерот Никол Пашинијан го засили својот дипломатски притисок на европскиот самит во Шпанија.

Во меѓувреме Ереван и Баку си разменија обвинувања за меѓусебни напади во близина на пограничните региони.

Европските лидери на 5 октомври „ја истакнаа нивната непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Ерменија“, изјавија во заедничка изјава францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Тие, исто така, ја изразија својата поддршка за зајакнување на односите ЕУ-Ерменија, во сите негови димензии, врз основа на потребите на Република Ерменија“, се додава во соопштението.

Мишел им рече на новинарите дека ќе ги покани лидерите на Ерменија и на Азербејџан во Брисел на состанок до крајот на октомври.

Пашинијан отпатува во Шпанија за да ги истакне потребите на неговата земја на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Гранада.

Овој потег доаѓа откако по минатомесечната офанзива на Азербејџан, која му овозможи на Баку да го врати Нагорно-Карабах, отцепен регион кој во последните три децении е контролиран од етничките ерменски лидери.

Повеќе од 100.000 етнички Ерменци избегаа од регионот во Ерменија, вршејќи притисок врз властите во Ереван кои бараат да се справат со бегалскиот бран.

Шолц, Макрон и Мишел рекоа дека се подготвени да обезбедат дополнителна хуманитарна помош за Ерменците и дека „остануваат посветени на сите напори насочени кон нормализација на односите меѓу Ерменија и Азербејџан“.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев го откажа планираното патување во Гранада на средби со Пашинијан, жалејќи се на присуството на Франција и барајќи да и се дозволи на блискиот сојузник Турција да учествува во разговорите.

Баку на 5 октомври соопшти дека е „подготвен за трипартитни состаноци наскоро во Брисел во формат на Европската унија, Азербејџан и Ерменија“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Момче од Нагорно Карабах возело три дена со автомобил за да го извлече семејството од регионот

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин рече дека азербејџанската анексија на Нагорно-Карабах од Азербејџан е „неизбежна“.

„Беше само прашање на време кога Азербејџан ќе почне да го враќа уставниот поредок таму...тоа беше неизбежно по признавањето на [Ерменија] на суверенитетот на Азербејџан над Карабах“.
Ерменија и Азербејџан водеа две војни за Нагорно-Карабах, планинска енклава претежно населена со Ерменци, која е меѓународно признаена како дел од Азербејџан.

Како дел од напорите за постигнување севкупен мировен договор во регионот, Пашинијан во последните месеци изјави дека е подготвен да го признае статусот на Карабах во рамки на Азербејџан доколку Баку ги гарантира правата на етничките Ерменци кои живеат таму.

Русија долго време беше близок сојузник на Ерменија, но тие врски се распаднаа поради она што Ереван го гледа како предавство од страна на Кремљ, откако руските мировници не успеаја да го спречат успешниот воен напад на Азербејџан против етничките Ерменци во Нагорно-Карабах.