Најмалку 51 цивили, меѓу кои и едно дете загинале, во руски ракетен напад врз објект во кој имало продавница и кафуле, во областа Купјанск во североисточниот украински регион Харкив, соопшти украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко на 5 октомври.
Тој вели дека спасувачките работи продолжуваат.
Ова е еден од најсмртоносните поединечни напади за време на инвазијата, што Русија ја стартуваше лани во февруари.
Проектилот го погодил местото во селото Хроза, каде што луѓето присуствувале на ручек во чест на неодамна починат соселенец.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече смртоносниот напад „апсолутно намерен терористички напад“.
Видете и ова: Зеленски - Најмалку 47 загинати во руски напад врз продавница во Купјанск„Мора да се запре рускиот терор“, напиша Зеленски на Телефрам.
Дениз Браун, претставничката на Обединетите нации за хуманитарна помош за Украина, го осуди нападот во Харков.
„Згрозена сум од извештаите за рускиот напад кој, пред кратко време, го распарчи селото Хроза, во регионот Харкив, при што загинаа десетици цивили. Апсолутно ужасно“, рече таа во изјавата.
Русија, која изведе безброј смртоносни напади со беспилотни летала и ракети врз украинските градови и енергетската инфраструктура од почетокот на нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари минатата година, во последните месеци беше подложена на сè почести воздушни и поморски напади со беспилотни летала насочени кон региони блиску до границата, па дури и Москва.