Србија е влезната точка за руската пропаганда на Западен Балкан, рече на 5 октомври Џејмс Рубин, специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент.
Тој на онлајн прес-конференција го презентираше извештајот со наслов „Како Народна Република Кина се обидува да го преобликува глобалното информациско опкружување“.
На прашањето на Радио Слободна Европа како го оценува влијанието на Кина на Западен Балкан, Рубин рече дека за време на неговата посета на регионот на почетокот на 2023 година, тој „ја забележал зголемената желба на Кина да игра улога преку преземање на сопственоста врз медиумските организации“, но дека во моментов „Најголемиот проблем е што Србија е портал за Русија на Западен Балкан“.
Видете и ова: Russia Today на српски - најверојатно дел од новите санкции на ЕУ„Србија е единствената земја во регионот што не ги затвори програмите „Русија денес“ (РТ) и „Спутник“. Некако мислат дека можат тоа да го прават и да влезат во Европската унија, што мене ме збунува“, рече Рубин.
Тој потсети дека сите земји од ЕУ ги затворија РТ и Спутник по почетокот на инвазијата, сметајќи ги за пропагандно оружје на руската инвазија.
„Имаат дури и РТ и Спутник на српски, што значи дека е разбирливо и за соседните земји. Тоа е најголемиот информативен проблем во моментов“, вели Рубин.
Набргу по почетокот на руската инвазија на Украина, Европската унија ја суспендираше дистрибуцијата на руските медиуми РТ (поранешна Русија денес- Russia Today) и Спутник, бидејќи тие се сметаат за алатки на Кремљ за дезинформации и манипулација со информации.
На нив им е забрането да пренесуваат и дистрибуираат кабловска и сателитска телевизија, телевизија преку Интернет (IPTV), а санкциите важат и за нивните веб-страници, апликации и профили на социјалните мрежи.
„РТ Балкан“, кој се финансира од државниот буџет на Русија, започна да емитува онлајн содржини на српски јазик во ноември 2022 година, осум месеци по руската инвазија на Украина.
Поради ова, официјален Белград во неколку наврати беше мета на критики од Европската Унија.
Што се однесува до соработката меѓу Србија и Кина, податоците на Народната банка на Србија покажуваат дека кинеските инвестиции се во пораст од 2016 година.
Од 2016 година, Кина го зајакнува своето присуство во регионот на Западен Балкан. Во публикацијата за соработката на Кина со земјите од Централна и Источна Европа, се наведува дека Србија „може да се сфати како земја со најинтензивна соработка со Кина од сите балкански земји“.
Публикацијата беше објавена во април 2020 година на веб-страницата „China Watchers in Central and Eastern Europe“ (CHOICE) - меѓународен конзорциум на експерти кои го анализираат влијанието на Кина во тие региони.