Бендевска - МОН ќе добие тужба оти нема учебници за сите

Искинати учебници за основно образование во Северна Македонија

Поради недостигот на учебници Комисијата за спречување и заштита од дискриминација подготвува тужба за заштита од дискриминација против Министерството за образование и наука, соопшти на 5 октомври Весна Бендевска, членка на Комисијата.

Од вкупно 123 потребни учебници, на 1 септември недостигале 46, што е повеќе од една третина од учебниците.

Комисијата утврдила дека кога не постои учебник како основно средство за изведување наставно-образовен процес, нема еднаков пристап до квалитетно образование во споредба со оние што имаат учебници.

Членови на Комисијата денеска имаа средба со граѓани, претставници на граѓанскиот сектор и локалната самоуправа во Струга.

Во случајот со учебниците Комисијата ќе биде една странка од спорот и ќе ги застапува интересите на учениците.

„Нивен интерес е да добиваат квалитетно образование, а тоа значи учебник по секој наставен предмет, во секое одделение и на секој јазик на кој се одвива наставата. Тужена ќе биде државата, односно МОН. Тужбата ја подготвуваме и ќе ја поднесеме заедно со нашите стратешки партнери, Македонското здружение на млади правници, изјави Бендевска.

Видете и ова: Шаќири: Шестоодделенците ќе ги добијат учебниците неделава

Иако министерот за образование на почетокот на школската година уверуваше дека до крајот на септември сите ученици ќе добијат учебници, тоа сепак не се случи, односно шестоодделенците не добија учебници. На 2 октомври, тој во изјава за медиумите рече дека почнала доставата на учебници за шесто и дека тие до крајот на оваа недела ќе имаат учебници.

Учебниците за трето и за шесто одделение се по нова наставна програма и не беа доставени до училиштата на стартот на новата учебна година.

Министерот вели дека во септември имале доставено повеќе од 80 отсто од учебниците, нагласувајќи дека нема одговорност секаде да интервенира.