Администрацијата на претседателот Џо Бајден соопшти дека повлекува 26 федерални закони за да се овозможи изградба на ѕид на границата со Мексико. Ова е прв пат администрацијата да користи извршна власт за решавање на проблемот со имигрантите, често користена од претходникот Доналд Трамп.
Исто така, одлуката е во спротивност на пораките од кампањата на Бајден во 2020 година за прекинување на изградбата на ѕидот започната од Трамп.
Доцна синоќа Федералниот регистер (Службен весник) на САД, издаде соопштение во кое се наведени детали за изградба на ѕид во округот Стар, Тексас, дел од оптоварениот сектор на пограничните безбедносни служби со „висок број нелегални преминувања“.
Според владини податоци, за фискалната 2023 година биле забележани 245 000 нелегални влегувања во секторот на долината Рио Гранде што содржи 21 округ.
„Постои акутна и итна потреба за изграба на физички бариери и патишта во близината на границата на Соединетите Држави за да се спречат нелегалните влегувања во Соединетите Држави во областите на овој проект“, изјави Алехандро Мајоркас, министер за внатрешна безбедност.
Видете и ова: Трамп воведува вонредна состојба за ѕидот кон Мексико?
За изградба на овој ѕид се повлечени законите за чист воздух, за чиста вода и за загрозени видови животни, ќе се користат пари одобрени од Конгресот во 2019 година за време на владеењето на Трамп. Критичарите велат дека во ридестата област живеат 65 000 жители и дека таа содржи 3 108 квадратни километри од националниот парк Долина на долна Рио Гранде.
За време на администрацијата на Трамп, од 2017 до јануари 2021 година на јужната граница беа изградени 724 километри разни бариери. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, ги обнови овие напори што беа запрени откако администрацијата на Бајден дојде на власт.
Нелегалната имиграција од Јужна Америка поттикна дебати меѓу демократите и критики од републиканците, чии гувернери понекогаш транспортираат илјадници имигранти во северните градови и држави како Чикаго или Њујорк, а поради нивниот радикално зголемен број во изминатите месеци кои на јужната граница пристигнуваат во бранови.