Уставниот суд на 4 октомври одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на измените на скопскиот Детален урбанистички план(ДУП) Буњаковец 2 во кој влегува земјиште со вкупно 15 парцели околу поранешната фабрика „Треска“. Во кусото соопштение од Уставниот суд е наведено дека по спроведената уставно-судска анализа и прибавената документација за овој предмет Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани, односно дека оспорената одлука е донесена во согласност со тогаш важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање
Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ кои заедно со адвокатката Сузана Јошевска ја поведоа иницијативата пред Уставен суд, сега велат дека случајот на „Треска“ покажа оти Устав се менува, но ДУП никако.
„Треска“ тресна на Уставен! Уставниот суд, без расправа и повикување експерти, ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на планот за Буњаковец, во кој спаѓа и просторот на „Треска“. За жал, се потврди правилото „Устав може да се смени, ама ДУП никако“, се вели во нивната реакција објавена на социјалната мрежа Фејсбук.
Оттаму наведуваат дека со оваа одлука се дозволува да се изгради над милион квадратни метри изградена бруто-површина за домување наместо 400.000, што ги дозволува Генералниот Урбанистички План и дека таму ќе се отвори простор за домување на над 33.000 жители наместо 12.500 колку што дозволува ГУП.
Видете и ова: Инвеститорите се фалат, Уставен отвори предмет за згради кај „Треска“Од „Шанса за Центар“ предупредуваат дека планираната густина на изграденост и висини не обезбедуваат минимален стандард за нормално хумано живеење, ниту доволен проток на воздух ни минимални два часа осонченост. Густата населеност, според нив ќе создаде уште подолги листи за чекање за запишување во градинка и училишта.
На земјиштето на поранешната фабрика „Треска“ има 15 парцели. Како сопственици се јавуваат и три градежни фирми, Ремис од Охрид, Голден Арт и Мега акустик од Скопје.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Градоначалникот на општина Центар во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека на таа локација се уште не се продадени дравните парцели, но дека ќе се продадат само 10 до 15 проценти, останатиот државен имот ќе биде улици, зеленило и паркинзи.
Градежниците бараат да градат на локацијата на Треска според актуелниот Детален урбанистички план донесен во времето на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ го критикуваше планот како лош и нехуман, а зградите што треба да никнат ги нарекуваше наполитанки. Општина Центар има градоначалник од СДСМ или коалицијата трет мандат по ред, но не успеа да го смени планот. Во 2013 година за градоначалник беше избран Андреј Жерновски од ЛДП, кој сега е дел од СДСМ, по него беше Саша Богдановиќ од СДСМ, а од пред две години градоначалник е Горан Герасимовски од СДСМ.