Прашањето за одговорноста за нападот на косовската полиција во Бањска не завршува со изјавата на поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, дека тој го организирал нападот, изјави на 4 октомври американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер.
„Јас би рекол дека вистинската работа е нашите безбедносни служби и другите партнери да продолжат да се обидуваат да разберат што се случило. Соединетите Држави беа јасни, одговорните за нападот мора да одговараат. Тоа останува нашата позиција. Ние ќе продолжиме со обидите да се разбере што се случило, кој е одговорен и зошто“.
Видете и ова: Радоичиќ пуштен од притворВо нападот на косовската полиција на 24 септември во градот Бањска на северот на Косово, загина полицаецот Африм Буњаку, а неколку други беа повредени. Во нападот врз полицијата загинаа тројца напаѓачи, а во околината на Бањска е пронајден голем арсенал оружје. Владата на Косово ја обвинува Србија за овој инцидент, додека официјален Белград негира вмешаност.
На 29 септември, Милан Радоичиќ, бизнисмен и политичар од северот на Косово и поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби поддржана од Белград, ја презеде одговорноста за организирање на нападот. Тој беше приведен и сослушан на 3 октомври, а еден ден подоцна Вишиот суд донесе одлука за ослободување на Радоичиќ од притвор, со мерка забрана за напуштање на територијата на Србија.
На прашањето дали САД имаат сознанија за плановите на вооружена група во Бањска и дали официјален Белград на некој начин е вмешан во нападите врз косовската полиција, Ховениер рече дека САД се уште собираат информации за овој случај.
„За ова е потребно време. Тоа е комплицирана ситуација и ќе биде потребно време да се разберат сите детали“, рече Ховениер.
Тој повтори дека САД веруваат дека нападот не бил спонтан и дека бил „координиран“ од група која користела „софистицирано“ воено оружје, од кои повеќето се од српско потекло, со цел да го дестабилизира северот на Косово.
Видете и ова: Вучиќ: Сите кои направиле кривично дело во Бањска ќе бидат повикани на одговорностВо однос на прашањето дали САД има сознанија околу тврдењата дека Радоичиќ набавувал оружје од Тузла од јануари до септември оваа година, амбасадорот посочи дека таа тема се смета за „тема од интерес“.
„Важно е што српските власти почнаа да го анализираат она што јас би го нарекол синџир на чување на материјалот. Имаше материјали произведени во Србија кои некако завршија во опремата за вооружување во Бањска. Ова е нешто што треба да го разбереме и решиме. Не можам да ги докажам тврдењата дека тие работи дошле од овде или од таму, од Тузла, треба уште да се работи,“ изјави тој.
Како што беше најавено, Радоичиќ е обвинет за набавка на оружје, муниција и експлозивни направи со голема разорна моќ од Тузла во Федерацијата Босна и Херцеговина од јануари 2023 година до 24 септември 2023 година.
Се додава дека ова оружје му било доставено на територијата на Град Белград, најчесто на релација Бубањ Поток - Врчин.