Фирма „заработи“ казна за лажно користење на лекарски имиња во реклама за чај

Извадок од лажното интервју со доктор Марковски за реклама на медицински препарат

Речиси 7 илјади евра парична казна бара Обвинителството за фирмата и 34 годишниот управител кои со фабрикувани интервјуа со доктори на интернет ја лажеле јавноста дека оштетените доктори промовираат билни чаеви како лек за одредени болести. Чаевите Паразол и Хипертеа кои сè уште се нудат и продаваат на интернет по 2400 денари биле дел од измамата на фирмата за која Обвинителство тврди дека злоупотребила лични податоци на тројца лекари.

„Личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите Паразол (Parazol) и Хипертеа (Hypertea), кои на територијата на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице. Лажните интервјуа и постови, преземани и споделувани на повеќе веб страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконита обработка на личните податоци и директен маркетинг“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Радио Слободна Европа на почетокот од годинава пишуваше за тоа дека со Лажни и измислени интервјуа со познати лекари на Интернет преку кои граѓаните се доведуваат во заблуда за да купат медицински препарати.

Видете и ова: Лажни реклами за медицински препарати го преплавија Интернетот

Токму за чајот Паразол за РСЕ зборуваше инфектолог доктор Вело Марковски кој изјави дека Веб страницата на која што се продава чајот, фабрикувала цело интервју со него за тоа како тој наводно го препорачува на лица кои што имаат проблеми со паразити. Во измисленото интервју со д-р Марковски се наведуваат и статистики за тоа колку луѓе умираат од паразити, па се потенцираат придобивките од препаратот, само за да се наведат граѓаните да го купат производот.

„Многу луѓе и го купиле, бидејќи мислеле дека јас го рекламирам, па откако демантирав ми пишаа дека се излажале. Од друга страна остава простор некој да има несакани дејства, сериозно да му го наруши здравјето, значи влегуваме во нешто опасно“, предупредува доктор Марковски.

Според кривичниот законик, „тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.

Обвинителството во овој случај до надлежниот суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно физичко и едно правно лице, кои се обвинети за три кривични дела – Злоупотреба на лични податоци.

Видете и ова: Внимателно со огласите за работа на социјалните мрежи

Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во фирмата од ноември 2022 до април 2023 година, без согласност на тројца оштетени лекари, ги користел нивните лични податоци – слика, име и презиме за он-лајн продажба на два производа. Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со единствена парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневната глоба од 30 евра во денарска противвредност, а правното лице да го казни со единствена казна од 300.000 денари.

Во соопштението од Обвинителството е наведено дека секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари своето имотно-правно побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци.