Штрајкот во обвинителствата ќе продолжи понатаму, соопшти денеска претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски, на прес-конференција пред Основното јавно обвинителство.
Тој ја поздрави вчерашната одлука од седницата на Влада, каде се формираше работна група за преговори составена од министрите за финансии, за информатичко општество и администрација, и за правда, вицепремиерот за економски прашања и претставници на Синдикатот на УПОЗ, како репрезентативен синдикат, на која што ќе се решава за барањата за покачување на платата за 78 отсто и враќање на додатоците на плата.
Видете и ова: Георгиев го повика Бесими да ги одобри додатоците на судската администрација за да не се блокира судството
Се очекува оваа работна група да почне со работа во рок од седум дена, како што е наведено во информацијата од Влада.
„Само сакаме да ги известиме дека првата средба ќе бараме дефинирање на рокови. Таа работна група да ја заврши работата во најдолг рок од 10 работни дена. Доколку не се договориме и не ги прифатат нашите услови штрајкот ќе продолжи на поригорозен начин и нема да се работат никакви работни задачи во обвинителството“, дециден е Деаноски.
Доколку не се договорат за време на предвидените рокови, на штрајкот ќе се приклучат и вработените во судовите и правобранителството, што би значело дека целото правосудство нема да извршува никакви работни задачи.
Претседателката на Синдикална организација при јавни обвинителства при Синдикатот на УПОЗ, Изабела Илиева кажа дека нема да отстапат од нивните барања за покачување на платата за 78 отсто и 35 отсто за додатоците на плата, а веќе побарале од министерот за правда со итна постапка да се донесе законот за јавно обвинителска служба, за кој, како што вели, треба заеднички да преговараат, бидејќи со него се регулира висината на платата, како и додатоците на плата.