Агелер за уставните измени: Лидерите на партиите да направат вистинска работа

Американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер

Ги повикувам лидерите на сите партии да ја направат вистинската работа за земјава и за овие деца, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање во врска со процесот на уставните измени, кои се предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ.

„Вие веќе сте дел од Европа и тоа треба да се формализира, придвижувајќи ја земјава кон ЕУ и почнувајќи ги тие дискусии“, рече Агелер за време на посетата на селото Радово по повод пуштање во употреба на предучилишен едукативен центар во Босилево, преку програма на УСАИД.

Таа истакна дека придвижувањето на земјата кон ЕУ е во интерес на сите, а особено на најмладите, кои, како што рече, ќе бидат мотивирани да останат во државата и во неа да бараат можности.

„Знам дека е тешко, но само погледнете ги овие деца, ние не сме во ЕУ, ние од САД не сме во Европа, но тоа го правите за овие деца да имаат можности и за да сакаат да останат во оваа земја кога ќе пораснат, кога ќе завршат средно училиште, кога ќе одат на факултет, тие се вашиот пример зошто тоа е важно“, порача Агелер.

Видете и ова: Од меѓупартиски обвинувања до внатрепартиски раздори за уставните измени

Уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав остануваат дел од евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија.

Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму остаува на цврстиот став дека нема да гласа за уставни измени под, како што велат, „бугарски диктат“.