Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел очекува дека на Самитот на ЕУ во декември ќе има одлуки поврзани со проширувањето за некои од земјите од Западниот Балкан, согласно извештајот на Европската Комисија за усогласеност на државите кандидати со реформските барања, што се очекува да биде објавен во следните недели. Во интервју за португалската агенција Луса, тој вели дека останува на својата изјава од самитот во Блед, кога 2030 година ја постави како цел за идното проширување на ЕУ.
„Останувам на оваа цел и овој рок. Тоа им е јасно на сите. Зошто е важен овој датум? Затоа што тоа е јасен поттик за сите нас да се подготвиме и да ги забрзаме нашите напори. Без датум, имаше заедничка цел, но беше лесно да се одолговлекува и да не се донесат потребните одлуки“, истакна претседателот на Европскиот совет.
Видете и ова: На самитот на ЕУ во Гренада, европските лидери ќе ја потврдат посветеноста на проширувањето
Мишел смета и дека на декемврискиот Самит лидерите на ЕУ треба да дадат зелено светло за старт на формални пристапни преговори со Украина и Молдавија.
„Декември ќе биде важен момент. Ќе биде тежок состанок, тежок Европски совет. Не би ги потценил предизвиците. Европскиот совет во декември треба да донесе некои одлуки за Украина, за Молдавија и за тоа дали ќе ги отвориме преговорите“, вели Мишел во интервјуто.
Според него, ЕУ во последниве месеци дала јасни сигнали со тоа што на Украина и додели статус на земја кандидат за членство во Унијата.
„Од Европскиот совет ќе зависи што од извештајот на Комисијата ќе стави на маса, нагласи Мишел, додавајќи дека самиот факт што на неформалниот Самит на Унијата в петок во Гранада европските лидери ќе „разговараат за иднината на ЕУ поврзана со проширување претставува многу моќен сигнал“.