Казахстан направи список на луѓе на кои им е забранет влез во земјата

Аибек Смадијаров, портпарол на Министерството за надворешни работи на Казахстан

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Казахстан, Аибек Смадијаров, на 2 октомври изјави дека министерството подготвило список на луѓе кои јавно „искажуваат негативни мислења“ за Казахстан и затоа им е забранет влезот во земјата.

Смадијаров додаде дека списокот нема да биде објавен и не кажа кога првпат е создаден.

„Не можам да кажам колку луѓе во моментов има на списокот. Границата ќе биде затворена за такви луѓе и нема да им биде дозволен влез во земјата“, рече Смадијаров.

Смадијаров ова го изјави на брифинг на кој новинарите го прашаа за официјалната реакција на Казахстан на зачестените изјави на функционери, политичари, блогери и новинари во Русија, кои повикуваат на војна против Казахстан.

Казахстан е близок економски и воен сојузник на Москва, која дели 7.500 километри граница со Русија, но, Астана не ги призна украинските региони окупирани од Москва како дел од Русија.

Видете и ова: Нови руски напади врз цивилни области во јужна Украина

Минатата недела, за време на посетата на Германија, казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев на прес-конференција рече дека неговата земја не се плаши од какви било територијални претензии од Москва.

Во август 2022 година, на социјалната мрежа ВКонтакте (ВК) на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев накратко се појави националистичка објава во која се нарекуваат Казахстан и Грузија „вештачки“ креации. Објавата беше отстранета по 10 минути и официјално им се припишува на хакери.

Заменик-министерот за надворешни работи на Казахстан, Роман Василенко и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатата година во одвоени изјави изјавија дека коментарите за Казахстан од руски политичари, новинари и блогери не ја одразуваат официјалната позиција на Русија.

Казахстанските власти веќе презедоа акција против некои од оние кои ги дадоа коментарите, како што е рускиот пропагандист Тигран Кеосајан, кому во мај му беше забранет влез во Казахстан поради закани за земјата во изјава на Јутуб (YouTube) поради одлуката на Астана да ја откаже парадата на Денот на победата - патриотски настан за комеморација на Денот на победата и улогата на Советскиот Сојуз во поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна.