Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски треба да ја напушти Владата доколку не се согласува со носење на законот за амнестија.
Според Мицкоски, Спасовски има две опции. Едната опција е ако не се согласува - да ја напушти владата. Втората опција, вели Мицкоски е да молчи и да прифати дека опфатените со законот се озогласени криминалци, луѓе кои тргувале со недозволени супстанци или познати нарко дилери.
„И тие треба да добијат намалени затворски казни или дел од нив да добијат и целосна амнестија, за да потоа се најдат повторно на улиците и да повторно прават проблеми и го тероризираат чесниот граѓанин во Македонија“, изјави Мицкоски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на 30 септември изјави дека е непотребно донесувањето на Законот за амнестија. Тој смета дека неговата примена нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите.
Видете и ова: Спасовски против „амнестијата“ - нема да го реши проблемот со пренатрупани затвориСтавот на Спасовски не е на иста линија со премиерот Димитар Ковачевски. Премиерот денеска кажа дека предлог-законот за амнестија е испратен во собраниска процедура без европско знаменце и не е правен за личности, туку за дела од помал обем. Целта како што вели Ковачевски е за релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворот Идризово и во другите сместувачки објекти во рамките на Управата за извршување на санкции.
Новиот закон за амнестија, како што кажа Ковачевски, не е правен за личности, туку е правен за дела од помал обем кои се наведени во законското решение.
„Во законот многу јасно е прецизирано кои дела не можат да бидат амнестирани. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи кои се случиле во минатото во државата пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман. Диверзитетот на различни мислења по овој закон покажува дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите политички партии и за јавноста. Може да се дојде и до решени кое нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат“, изјави премиерот.
Видете и ова: Амнестиите изгубени во политичкиот пазарВладата на 26 септември го усвои Предлог законот за амнестија.
Министерството за правда, кое го подготви Предлогот, соопшти дека со законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор.