Законот за амнестија стигна до пратениците

илустрација

Владата го испратила Законот за амнестија до Собранието, информираат од Кабинетот на претседателот на Парламентот.

Законот е предложен да се носи по скратена постапка, а тој веќе е доставен до пратениците од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Оттаму не прецизираат кога овој предлог-закон ќе се најде на седница на Собранието, но претходно министерот за правда, Кренар Лога најави дека тоа може да се случи следната недела затоа што тој, лично сака да го образложи предлог-законот за амнестија, по неговото враќање од патување во САД.

Министерот Лога на средба со медиумите рече дека иако во јавноста преовладува мислење дека овој предлог - закон за амнестија е нов, всушност како што рече, тоа е истиот закон „што беше донесен во 2018 година, а предлагачи беа сите политички партии. Во овој предлог-закон сега се додадени неколку кривични дела кои нема да бидат опфатени со амнестијата“.

Видете и ова: Амнестии - И затворите полни и криминалците на улица

Предлог-законот за амнестија предвидува целосно или делумно ослободување од казната затвор на одреден број затвореници.

Според податоците на Министерството за правда, откако ќе стапи во сила законот од вкупниот број затвореници, целосно ќе бидат амнестирани 286 затвореници, а делумно 996 затвореници. Дополнително, 2813 осуденици чекаат да влезат во затвор, но министерството засега нема податоци колкумина од нив ќе бидат амнестирани.

ИНФОГРАФИКА - Колку осуденици ќе се офајдат ако се усвои предложениот Закон за амнестија

Дебатите за Предлог законот за амнестија, почнаа на само неколку денови откако во Собранието, во експресна процедура и со европско знаменце, беа изгласани измени на Кривичен законик. Овие измени предвидуваат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни има и за делото злосторничко здружување.