Полска од полноќ ќе воведе привремени проверки на границата со Словачка, најави денеска полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински.
„Од денеска на полноќ ги враќаме привремените гранични контроли на словачката граница. Ќе ги провериме документите на оние кои влегуваат во Полска“, истакна Камински.
Тој додаде дека мерката ќе биде во сила 10 дена.
Во меѓувреме и чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракусан денеска изјави дека и Прага воведува привремена контрола на границата со Словачка.
„Чешката Република ќе воведе привремени гранични контроли со Словачка од утре за да ги запре илегалните миграциски текови и шверцерите“, наведе Ракусан.
Видете и ова: Германија ги зајакнува граничните контроли со Полска и Чешка
Според него, случајни проверки долж границата ќе се вршат до 13 октомври, со можност за продолжување на мерката.
Ракусан истакна дека граничната контрола е договорена со Полска.
Пред десеттина дена пак Германија ги зајакна граничните контроли со Полска и Чешка. Германските сојузни покраини на истокот од земјата се на удар на бранови мигранти кои сѐ почесто доаѓаат преку Чешка и Полска.
Според официјалните податоци во Германија, во првите осум месеци од годинава во таа земја на Европската Унија пристигнале над 200 000 мигранти, што пак е повеќе отколку во текот на целата 2022 година.