Косовскиот премиер Албин Курти во вторник (3 октомври) изјави дека прелиминарните информации од косовските власти покажуваат дека повеќето од лицата вклучени во нападот на косовската полиција во Бањска биле од организациите „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“.
Во јуни годинава, владата на Косово ги прогласи овие две организации за терористички, објаснувајќи дека нивните членови стојат зад немирите на северот на Косово и дека тие „претставуваат сериозна и директна закана за уставниот поредок и безбедноста на Косово“.
Во нападот во Бањска на северот на Косово на 24 септември беше убиен наредникот на косовската полиција Африм Буњаку. Тогаш косовската полиција уби тројца напаѓачи во престрелка со вооружена група.
Премиерот Курти смета дека најважното прашање во моментов е безбедноста на Косово и казнувањето на лицата кои ја нападнаа косовската полиција.
„Казната за напаѓачите значи казна за Србија, која финансиски, воено, логистички, политички, јавно и официјално го поддржа она што се случи во Бањска во Звечан, но истовремено и екстрадиција, предавање на сите кои се гонат (кривично) затоа што избегаа од местото на злосторството и од нашата земја“, рече денеска Курти.
Видете и ова: Што се „Цивилна заштита“ и „Бригада север“, кои Косово сака да ги прогласи за терористички?Косово ја обвини Србија за овој напад, што официјален Белград го демантираше, наведувајќи дека Србите повеќе не сакаат да го трпат „теророт на Курти“.
Во меѓувреме, на 29 септември, Милан Радоичиќ ја презеде одговорноста за организацијата и нападот во Бањска. Истиот ден тој поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која има поддршка од Белград.
Радоичиќ и пред нападот на косовската полиција, официјална Приштина го поврзуваше со криминални активности, а од декември 2021 година е под санкции на САД, поради сомневања за организиран криминал и корупција.
Западните земји и Европската Унија остро го осудија нападот врз косовската полиција во Бањска и побараа напаѓачите да бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.