Вучиќ: Сите кои направиле кривично дело во Бањска ќе бидат повикани на одговорност

Александар Вучиќ, претседател на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот изјави дека сите кои учествувале во нападот на косовската полиција во Бањска, на северот на Косово, ќе одговараат пред институциите во Србија.

Во интервју за американски Си-Ен-Ен, Вучиќ рече дека тука е и одговорноста на Милан Радоичиќ, еден од водечките лидери на косовските Срби, кој ја презеде одговорноста за нападот во Бањска.

„Србија, се разбира, ќе бара одговорност од сите луѓе кои извршиле криминални дела и се на наша територија. Тој (Милан Радојичиќ) е на територијата на Србија и обвинителството ќе си ја заврши работата“, изјави Вучиќ.

Во нападот на косовската полиција на 24 септември во селото Бањска во општина Звечан, загина полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени.

Видете и ова: Рама и Пленковиќ бараат мерки против Србија поради насилството на Косово

Во конфликтот со полицијата убиени беа и тројца напаѓачи, а во околината на Бањска е пронајден арсенал оружје.

Владата на Косово ја обвинува Србија за овој инцидент, додека официјален Белград негира вмешаност.

Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата српска партија на Косово поддржана од Белград, во отворено писмо до јавноста на 29 септември објави дека поднесува оставка и призна дека тој лично го организирал вооружениот бунт на северот на Косово во неделата.

Видете и ова: Петковиќ: Бараме од КФОР и ЕУЛЕКС да бидат објективни

Тој на 30 септември даде изјава „во својство на граѓанин“, а полицијата и обвинителството не одговорија на прашањата на РСЕ дали Србија ќе го обвини за какво било кривично дело.