Денеска во Њујорк започна судењето за измама против Доналд Трамп и неговата семејна компанија, случај кој може да му предизвика голема штета на поранешниот американски претседател и неговата империја со недвижности.
Трамп, фаворит за претседателска номинација на републиканците во 2024 година, е обвинет од обвинителката на државата Њујорк, Летиција Џејмс дека неосновано ја зголемил вредноста на својот имот за милијарди долари за да обезбеди подобри услови за заем и осигурување.
„Ова е продолжение на најголемиот лов на вештерки на сите времиња. Имаме одлична компанија. Создадов одлична компанија. Огромна е“, рече Трамп пред да влезе во судницата во Менхетен.
Трамп облечен во темносино одело, со светло сина вратоврска и игла со американско знаме на реверот, повторно ја нарече обвинителката „расист“ и нагласи дека Демократите и се одмаздуваат.
„Колку и да мислите дека имате пари, никој не е над законот. Законот е и силен и кревок. Денеска ќе го докажеме нашиот случај во судницата“, изјави Џејмс за новинарите пред почетокот на судењето.
Видете и ова: Бизнис царството на Трамп во опасност, почнува судењето за измамаСудењето започна по седум дена откако судијата што го води случајот утврди дека Трамп е одговорен за измамата и најмногу ќе се однесува на казните со кои се соочува.
Обвинителката Џејмс бара парични казни од најмалку 250 милиони долари, трајна забрана против Трамп и неговите синови, Доналд Џуниор и Ерик за водење бизнис во Њујорк, како и петгодишна забрана за комерцијални недвижности од Трамп и неговите компании.