Норвешка со нов пакет санкции против Русија

Знаме на Норвешка

Норвешка денеска воведе нови санкции против Русија, со што се приклучува кон 11. пакет санкции на Европската Унија против оваа земја поради војната во Украина, соопшти Министерството за надворешни работи на Норвешка.

„Новите санкции, меѓу другото, се однесуваат на забраната за транзит преку руска територија на стоки и технологија што може да придонесе за зголемување на руските воени и технолошки капацитети или развој на одбранбениот и безбедносниот сектор, а проширен е и списокот на оружје кое е забрането за продажба на физички или правни лица во Русија“, се вели во соопштението на норвешкото МНР.

Истовремено, забранет е увоз на руска нафта преку нафтоводи кои одат кон Германија и Полска, а проширен е списокот на производи од железо и челик, како и луксузни стоки, чиј увоз е забранет.

Видете и ова: Норвешка ја затвора границата за автомобили регистрирани во Русија

„Новиот пакет санкции има за цел да ги зајакне постоечките санкции и да го спречи нивното заобиколување. Ова е важно бидејќи е неопходно итно да се забави протокот на пари што Русија го користи за финансирање на бруталната агресорска војна“, изјави норвешката министерка за надворешни работи, Аникен Хјуитфелт.

Таа додаде дека санкциите стануваат посеопфатни и дека тие претставуваат силна и јасна европска реакција на „брутална агресорска војна на Русија во Украина“.

„Можностите за трговија со Русија стануваат сè помали и со себе носат голем ризик“, рече Хјуитфелт.