Рама и Пленковиќ бараат мерки против Србија поради насилството на Косово

Косово-Србија, тензии на север на Косово

Премиерите на Албанија и на Хрватска, Еди Рама и Андреј Пленковиќ најостро го осудија „насилството на српските паравоени единици на северот на Косово“, како и нивната „хероизација“ од Белград, со повик до премиерите на земјите од Европската унија и Западот да донесат мерки против Србија.

Рама, кој е во официјална посета на Загреб, на прес-конференција во Бански двори рече дека „агресијата на паравоените сили е еднакво загрижувачка како и реакцијата на Белград“.

„Имаме злосторство, убиство на полициски службеник и имаме хероизација на тие кои го извршија“, рече Рама, додавајќи дека тоа „не смее да биде прифатливо во Европа, која има спротивни вредности“.

Видете и ова: ЕУ очекува безусловна соработка на Србија во истрагата за нападот на северот на Косово

Пленковиќ смета дека тие потези „не можат да останат без одговор“ и дека одлуката на Белград за ден на жалост „речиси подразбира идентификација со тоа што се случило“.

Тој изјави дека ќе следи истрага за целосно да се утврди што се случило, по што специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Приштина и Белград ќе предложи мерки. Пленковиќ рече дека и Европската комисија (ЕК) може да донесе мерки автономно, без согласност на сите земји членки, како што тоа го направи пред неколку месеци против Косово.

„Сметаме дека овој потег не може да остане без одговор. Сметаме дека прогласувањето на ден на жалост за тројца де факто терористи кои убија косовски полицаец, беше неприфатлив потег. Ни најмалку не ни е драго поради повлекувањето на ваков политички потег, кој речиси и да подразбира идентификација со она што го направија. Од ова сум сигурен дека во наредните денови, по сеопфатна анализа, ќе бидеме добро и во целост информирани за тоа што и како се случило, како и тоа дека ќе има предлози за мерки“, изјави Пленковиќ.

Видете и ова: Петковиќ: Бараме од КФОР и ЕУЛЕКС да бидат објективни

Сето ова доаѓа откако на 24 септември група вооружени напаѓачи усмртија полицаец на северот на Косово, по што, во пукање со полицијата, откако нашаѓачите се лоцираа во локалниот манастир, тројца од нив беа ликвидирани, а полицијата успеа и да приведе неколкумина од нив.